Изјавата ја даде на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет. Средствата за железница се наменети за модернизација на Коридорот 8, активности кон границата со Бугарија, железничкиот граничен премин „Табановце“ и обновување на возниот парк на Македонски железници – Транспорт.
Кузманоска оцени дека инвестициите се чекори кон поефикасен транспортен систем. Според неа, транспортните трошоци сѐ повеќе влијаат врз конкурентноста на компаниите, а железницата треба да биде дел од долгорочната економска стратегија на државата.
Во поширокиот инвестициски план, таа посочи дека Предлог-буџетот предвидува 40,8 милијарди денари капитални расходи, а дополнителни 18 милијарди денари инвестиции се планирани преку Јавното претпријатие за државни патишта. Меѓу патните инвестиции ги наведе Коридорите 8 и 10д и автопатското поврзување на Прилеп и Битола.
Како пратеничка од Прилеп, Кузманоска го издвои поврзувањето со Битола како важно за економските можности на регионот. Таа рече дека побрзиот и поекономичен превоз на производите ја зголемува конкурентноста на компаниите, а добрата инфраструктура го прави регионот попривлечен за нови инвестиции.
Кузманоска го оцени Предлог-буџетот и како инструмент за финансиска стабилност и континуитет во функционирањето на државата. Според неа, тој овозможува редовно исполнување на обврските кон граѓаните, додека планираните инвестиции и развојни политики создаваат услови за понатамошен економски развој.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.