Вечерта во Битола беше посветена на албанскиот јазик, култура и национален идентитет.
Во ноември 1908 година во Битола, град во кој се среќавале различни јазици, култури и традиции и кој имал богат интелектуален и општествен живот, се собрале албански претставници од различни краишта. Меѓу нив биле Ѓергј Фишта, Мидхат Фрашери, Лујѓ Гуракуќи, Ндре Мједа, Парашкеви Ќиријази и Ѓергј Ќиријази. За нив, рече Ферати, иднината на албанскиот јазик била поважна од разликите во ставовите и искуствата. Одлуката за азбуката била пресудна за развојот на албанското образование и култура.
Пред конгресот, Мидхат Фрашери напишал како треба да се работи за напредокот на народот: „Не со барут и оружје, туку со хартија и перо.“ Во време на политички судири на Балканот, објасни Ферати, преродбениците го гледале патот за развој во знаењето, јазикот, образованието и сопствената култура, а не во надмоќта над другите.
Денес албанскиот јазик се користи во образованието, литературата, науката и институциите. Тој е дел од секојдневната комуникација на милиони Албанци во Македонија, Албанија, Косово, поширокиот регион и дијаспората.
За Ферати, почитта кон преродбениците не завршува со чествувањето на азбуката. Тие работеле за следните генерации да имаат повеќе можности отколку што имале самите. Денешните генерации, порача министерот, треба да им остават на своите наследници поправедно, пообразовано и пообединето општество.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.