Фотографија објавена на јавниот профил на ООУ Елпида Караманди Битола — Битола
Оркестарот го подготвуваше делото „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус.
Учениците проследија и дел од подготовките за балетска претстава.
Ученици од ООУ „Елпида Караманди“ од Битола денес имаа можност во „Пијано центарот“ самите да го испробаат звукот на професионални концертни пијана од „Petrof“, „Feurich“ и „Ritmüller“. Ги посетија и Македонската филхармонија и Националната опера и балет, каде што следеа како се подготвуваат музичарите и балетските уметници за настап.
Во Филхармонијата учениците ги видоа оркестарските инструменти одблизу додека симфонискиот оркестар го вежбаше делото „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус. Во професионалното студио за снимање и завршна обработка на звукот се запознаа и со дел од работата на продукцијата на музички снимки.
Во Националната опера и балет проследија дел од подготовките на балетските уметници за претстава. За да видат како се создава едно музичко-сценско дело, ги разгледаа сцените, салите и гримиорните, а ги посетија и одделенијата за сценографија, костимографија и кореографија.
Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.