На панелот „Младите прашуваат – институциите одговараат“, младите можеа да поставуваат прашања и преку QR-кодови. Разговорот се водеше за тоа како да се спречи врсничкото насилство, дали младите имаат безбедни и достапни места за спортување и каква поддршка можат да добијат од институциите. Се разговараше и за дискриминацијата.
Целта на средбата беше младите да добијат соговорник во локалната самоуправа. На форумот беше истакнато дека таквиот разговор може да ја зајакне довербата, да ги охрабри младите да учествуваат во животот на заедницата и да помогне секој од нив да добие можност да ги развива своите способности.
Покрај Коњановски, соговорнички на младите беа Елена Ивановска, државна секретарка во Министерството за образование и наука, Сања Стаматова, портпаролка на СВР Битола, и Лидија Споа, директорка на битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“. На панелот учествуваа и професорот и тренер Михајло Сиљанов и претседателката на „Сумнал“, Фатма Бајрам Аземовска.
На претходните спортски и едукативни активности од проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер-плеј“, младите можеа да разговараат за тоа како да го препознаат и спречат насилството. Теми беа и ненасилната комуникација, вклучувањето на сите и фер односот, како на теренот така и во секојдневието. Целта е младите да учат едни од други, да разменуваат искуства и да развиваат однос заснован на почит, солидарност, еднакви можности и ненасилство.
На форумот беа прикажани младински видеа за спортските активности, работилниците и тимските предизвици од проектот.
Денешната средба „Фер-плеј и надвор од теренот – од порака до акција“ ја организираше битолското Здружение за развој на ромската заедница „Сумнал“, во пресрет на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“.
Бајрам Аземовска се наврати на своите средношколски денови кога зборуваше за пријателството и за тоа што му помага на едно дете да им се придружи на другите. „Понекогаш токму еден пар патики е она што му треба на едно дете за да излезе на терен и да заигра со другите. А понекогаш едно искрено ‘Ајде, можеш, пробај пак’ е токму она што му треба за да продолжи.“







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.